Косовската полиција приведе осум чешки навивачи кои наводно планирале да пуштат дрон над стадионот „Фадил Вокри“ во Приштина со порака „Косово е Србија“ за време на денешниот натпревар меѓу Косово и Чешка во квалификациите за ЕП 2020, пренесува порталот „Индексонлајн“. Намерата на фудбалските навивачи од Чешка била осуетена од полицијата во Урошевац, пишува „Коссев“. Уапсените лица (шест мажи и две жени) покрај чешко државјанство поседувале и српско.
Дронот се вгнезди во спортскиот свет по натпреварот меѓу Србија и Албанија во октомври во 2014 година во квалификациите за ЕП 2016. Мало беспилотно летало пролета над стадионот на Партизан во Белград со знаме на Голема Албанија. Мечот беше прекинат поради нараснатите тензии што доведоа и до инциденти на што европската фудбалска централа беше принудена да преземе рестриктивни мерки.