Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по добивање на мандатот за составување влада од македонскиот претседател Стево Пендаровски, изјави дека е сигурен оти во уставно предвидениот рок ќе успее да го формира новиот владин тим.
Прашан што ќе се случи ако за 20 дена не успее да состави влада, дали ќе го врати мандатот и дали ќе има нови избори, Заев истакна дека тоа прашање е регулирано со уставот, посочувајќи на ситуацијата со составувањето влада во 2016 година.
„Имавме ситуација во 2016 година. Мандатот му беше доверен на Никола Груесвки и не успеа за 20 дена да формира влада. Уставот е јасен дека рокот истекува и мандатот се враќа. Тогаш мандатот го добив јас и второрангираната коалиција со два пратеника помалку од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Јас успеав да формирам влада. Разликата е во тоа што сега јас ќе успеам да формирам Влада“, истакна Заев.
„Чест и одговорност ми е што како предводник на СДСМ и коалицијата „Можеме“ денеска од претседателот Пендаровски го добив мандатот за составување нова, европска, демократска одговорна влада со институции кои уште подобро ќе им служат на граѓаните. Од овој момент, во рок од 20 дена имаме задача да создадеме програма и кадри на кои Собранието ќе има додели мандат да им служат на граѓаните“, нагласи Заев.
Според него, Северна Македонија ќе добие влада која ќе го продолжи јасниот правец – ЕУ, просперитет и долгорочна стабилност и порача дека Владата ќе има квалитетни, одговорни и отчетни кадри, а приоритет ќе бидат економијата, борбата со криминалот и корупцијата, како и прочистувањето на праводсутвото.
„Владината програма ќе биде во најголем дел посветена на економијата, на раст на плати и пензии, на вложувања во младите, во раст и развој, во грижа за најсиромашните, во поддршка на домашното стропанство. Ќе водам влада која не знае за скршнување од патот и која по членството во НАТО, продолжува кон членство во ЕУ“, истакна Заев и во оваа прилика упати честитки за Рамковниот договор зашто денес се навршуваат 19 години од неговото потпишување.
Пред доверување на мандатот, кусо обраќање имаше и претседателот Пендаровски.
„Врз основа на член 84, согласно член 90 од Уставот и предлогот на коалицијата „Можеме“, за мандатар за состав на влада го определувам Зоран Заев, претседател на СДСМ и пратеник во Собранието“, рече Пендаровски.
Според член 90 од Уставот, по добивањето на мандатот, мандатарот во рок од 20 дена на Собранието треба да му поднесе програма и да го предложи составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Заев и Ахмети денеска ќе ги продолжат разговорите за владина коалиција
„Се обидуваме да ги дадеме сите можни информации сè до онаму до каде нема да нарушиме какви било перспективи на успешен преговарачки процес. Но, веднаш кога ќе направиме успех и исчекор, тоа ќе го соопштиме. Секако, се надевам на успех заради тоа што граѓаните нè определија, ни дадоа насоки кој со кој да преговара и редот треба да се испочитува. Во демократијата – граѓаните кажуваат кој со кој треба да седне прво да ги направи сите можни напори. Но, како што реков, опциите постојат. На крајот на денот, нашата земја Република Северна Македонија треба да има влада час поскоро, за да може да се зафати со предизвиците од пандемијата, но и со сите домашни предизвици, па и меѓународни, мислам на преговарачкиот процес со ЕУ, Берлинскиот процес којшто следува итн.“, изјав Заев одговорајќи на новинарско прашање.
Рече дека според уставната одредба по доделувањето на мандатот во рок од 20 дена треба да се направи обид за формирање влада и токму овие 20 дена, како што рече, „се нашиот мегдан да успееме да формираме влада, а со тоа да обезбедиме и парламентарно мнозинство најмалку од 61 пратеник“.
„Секако, за стабилна влада тоа значи секоја бројка повеќе којашто ќе поддржи програма, кадри, кандидати би била сериозна, голема гаранција за стабилноста на Владата. Нашата амбиција е четири години, затоа што очекуваме дека после НАТО-членството, почеток на преговорите со ЕУ, важно е за делегацијата и сите професионалци од ЕУ со коишто ќе преговараме да знаат дека имаат предвидливост со четири години, но пред се и над се е важно за домашната економија, за деловниот сектор и за граѓаните. Тоа ќе не стави во состојба како држава да имаме само едни избори, тоа се 2021 година локалните, 2022 и 2023 немаме избори, во 2024 се претседателските и парламентарните избори. Реално, имаме одличен мегдан за работа“, истакна Заев.