Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски ја прифатија поканата за средба што во пладневното обраќање до јавноста ја испрати претседателот Стево Пендаровски, соопштуваат од неговиот Кабинет.
Пендаровски денеска изјави дека нема да донесе нова, петта, одлука за прогласување на вонредна состојба. Воедно испрати порака до лидерите на најголемите политички партии во земјава да седнат и да разговараат за надминување на разликите околу датумот за одржување на предвремените парламентарни избори, како начин за излез од кризата која во спротивно, покрај економска и здравствена, може да прерасне и во политичка и во безбедноста доколку не биде осигуран инклузивен изборен процес.