Сите ќе треба двојно повеќе да работиме, двојно повеќе да направиме и да сме двојно подобри, објави премиерот Зоран Заев на Фејсбук, нагласувајќи дека промените и реформите не ги носи една влада или 20 луѓе, туку сите два милиона граѓани.
„Треба сите да се промениме, сите да се реформираме. За да немаме загадување, треба да престанеме да загадуваме. За да немаме корупција, треба да престанеме да нудиме и прифаќаме поткуп. За да не си одат младите, треба да отвораме уште повеќе работни места. За да нѐ биде, мора да нѐ бива. Од нас зависи, од сите нас“, наведе премиерот Заев во изјавата.
Порака што е споделена на социјалните мрежи беше дел и од вчерашното обраќање на премиерот по дводневниот Самит на ЕУ кој Северна Македонија заедно со Албанија останаа во чекалницата во Брисел за датум за почетокот на пристапните преговори со Унијата. Меѓудругото, тој понуди и одржување на предвремени парламентарни избори за што ќе се разговара на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски што е најавена за нешто повеќе од еден час.