Поучени од процесот за ветинг во Албанија, досегашното мнозинство во Парламентот предводено од СДСМ, не го започна процесот за ветинг во правосудниот систем во државата. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во вечерашната дебата со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски на МРТ, изјави дека Европската Комисијата е таа кој ја замолила владата и другите институции во државата да не се спроведе ветинг од причина дека ветингот и распуштењето на правосудството предизвикуваат проблем.
„Во Албанија не може да ги пополнат испразнетите места, но поединечна одговорност треба да има. Затоа распуштањето и ветингот не се спроведе во државата. Но, прочистувањето што е различен процес од ветингот или распуштањето, е процес во кој секој судија што застарел предмет ќе биде разрешен, каде ќе се провери комплетната имотна состојба на судиите, обвинителите и адвокатите поврзани во мрежи со нив и на нивните семејства за да биде на чисто работата во државата кој е чесен судија, а кои судии и обвинители се нечесни и стекнале имот или пари на нелегален и незаконски начин. Ќе направиме комплетна контрола на пет отсто, по случаен примерок на сето она што во последните пет години го работеле судиите и обвинителите, за преку овој начин да се докаже кој се тие што треба да се прочистат од правосудството“, изјави Заев.
Тој воедно наведе дека од владата се очекуваше да ги подготви законите во правосудството заедно со препораките на Венецијанската комисија и заедно со ЕУ тие успеале да напрват европски закони.
„За еден најзначен дел се боревме сами да обезбедиме две третини од гласовите, како оваа да е само наша држава, а не и на опозицијата. Видовме зошто таа ги опструирала ваквите законски решенија, како што е Законот за јавно обвинителство. Парламентот и по сите опструкции на опозицијата ги донесе сите закони за Јавното обвинителство. На 30 јуни стапи во сила Законот на ЈО и сите други закони од правосудството се на сила. Праксата во правосудството сега зависи од судиите и обвинителите. Нема да застанеме додека не направиме комплетно транспарентно правосудство, ефикасен процес во кој ќе одговарат судии и обвинители кои нанесуваат штета на граѓаните и државата. Само на тој начин ќе имаме комплетно владени на правото. Докажавме досега дека можеме да воспоставиме ред, правда и дисцилплина во нашата земја“, рече Заев.
Зборувајќи за ветингот и за проблемите во правосудството, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, наведе дека тие како партија се залагаат за ветинг на политичарите.
„Ние предлагаме ветинг на политичарите, да го видиме потеклото на имот. Го охрабрувам Зоран Заев да го подржи тоа што го предлага ВМРО-ДПМНЕ, за ветинг на политичарите и секој кој се занимавал со било каква политичка функција да го докаже и покаже својот имот и имотот на своето поблиско и подалечно семејство“, рече Мицкоски.
Заев ветува европеизација и економски развој, Мицкоски обнова и промени
Горд е целиот наш народ. Горди се Македонците заради сочувување, гарантирање и потврда на македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Горди се Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, сите заедно успеавме да ја внесеме Република Северна Македонија во НАТО“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето до граѓаните на крајот од вечерашниот ТВ дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека следен заеднички предизвик е да се подигне економијата, да продолжат реформите, да се европеизира земјата, да се донесат европските фондови, да останат младите тука, а да се вратат тие што заминаа.
„По 15 години добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ. Ја имаме веќе и преговарачката рамка. Имаме пријатели околу нас, сите наши соседи ни се пријатели. Целиот демократски свет зборува со полна уста убави зборови за нашиот народ, за нашата земја, спремни да ја помогнат, да пуштаат европски пари. Докажавме дека можеме заедно, можеме уште повеќе, можеме уште подобро“, нагласи Заев.
Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, порача дека ова се избори кога одлуката е тешка, а не едноставна.
.„Но, убеден сум дека со заокружување на реден број 14, сите вие ќе поддржите една поинаква Македонија од ова што денеска ни се случува. Ќе излеземе сите заедно од ова политичко мочуриште кое е обременето со „Луј Витон“ чанти, со „трас-трас“ судски одлуки, политичари кои го навредуваат сопствениот народ, едно политичко мочуриште полно со срам, понижувања, омаловажувања и криминал“, рече Мицкоски.
Тој вели дека е сигурен оти граѓаните ќе одберат иднина, многу работа, силна економија, реформи во здравството, земјоделието, образованието.
„Јас сум сигурен во силата на народот и заедно со народот нема да владееме, туку ќе работиме и ќе ја обновуваме нашата Македонија“, дополни Мицкоски.
Заев и Мицкоски бараат одговорност за „бомбите“, вината ја лоцираат кај ривалот
Поднесовме кривични пријави за да се знае дека неовластеното прислушување е забрането со закон, но разликата меѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ е јасна. Кога сме снимале, не сме се криеле ниту зад портали, ниту било кои други инструменти на вакво објавување на разговори во кои се слушаат трети лица како зборуваат, туку сме објавувале директно, со автентичен глас, комплетно потврдено од почеток до крај самите разговори биле дадени на новинарите“, рече Заев.
Тој потенцира дека СДСМ секогаш кога имал индиции и докази за незаконско и неетичко работење тоа го правело транспарентно и јавно.
„И јавниот обвинител и судството и било кој, треба да постапува за секого во државата и постапува за секој. Првпат во државата е осуден јавен обвинител, осуден е газда на медиум, осуден е бизнисмен. Зоран Заев не ве снимал кога бевте сами со Зоран кичевскиот и со вашата соработничка. Вие тоа сте го кажале со вашиот глас. И сега се гледа зошто се правеле опструкции цело време. Но, тоа е завршена работа, знаат граѓаните се. Луѓето чекаат понуда, ние сме преокупирани на понудата“, нагласи Заев.
Тој посочи дека треба сите да се најдат што незаконски прислушуваат, бидејќи е казниво по закон и се одговара за тоа.
„Кој сака нека е. Има да одговара за сите што објавуваат, без разлика дали за Заев или Мицкоски, кривична пријава поднесовме преку правниот совет на СДСМ за да одговара секој, прво за да ги заштитиме граѓаните да не се плашат“, дополни Заев.
Според Мицкоски, пак, секогаш за да се дојде до вистината треба да се лоцира одговорноста.
„Јас навистина сум згрозен од ова што го слушам, без разлика од содржината каква е, дали е спротивна кон мене. И тоа не само што не го оправдувам, туку тоа треба драконски да се казни и немам никаква дилема. Треба да се имплементира законот од првата до последната буква. Ќе ви дадам пример, ќе се присетам на една прес-конференција кога господинот Заев велеше „во оваа држава еден е Бошко Буха“, алудирајќи притоа на себе. Јас го повикувам обвинителот да го повика господинот Заев да видиме дали е тој Бошко Буха кој ги објавува овие нелегално стекнати материјали, бидејќи таму имаме материјали кои се вклучени актуелни политичари кои имаат генеза од она време за кое сега Заев зборуваше, за папките, за кривичните пријави“, вели Мицкоски.
Тој рече дека може да се приклучи на таа кривична пријава против сите кои ги реемитуваат аудиоснимките, па, како што вели, да ги пронајде обвинителството кои се тие лица и каква намера имаат.
„Господинот Заев алудира на оној нелегално снимен материјал, кој лицето го правел со мене, претпоставувам имал причини за тоа. Но, исто така имаме лице кое, како што кажа Заев во еден таков разговор му наоѓаме пари да ја финасира телевизијата, јавно на суд во завршни зборови кажува дека сите рекетирани пари во оваа држава завршиле таму и таму. А, замислете јавниот обвинител не се дрзна да ги повика тие лица да посведочат дали тие пари токму таму завршиле, како што посочи тоа лице. Треба да сме чесни кога цитираме, да го цитираме и тоа што не ни одговора, не само што тоа ни одговара“, нагласи Мицкоски.
Ова беше трет и последен дуел меѓу Зоран Заев и Христијан Мицкоски во пресрет на предвремените парламентарни избори на 15 јули. Двајцата лидери претходно ги спротивставија своите ставови и програми на ТВ Канал 5 и на ТВ 24. За крај, пред соочувањето со волјата на народот, Заев му подари примерок од програмата на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ, дополнета со знаменца на Македонија, на НАТО и на Европската Унија, на својот политички ривал, Мицкоски кој се заблагодари и истакна дека со нив ќе го украси кабинетот на Универзитетот на кој предава.