Во скопскиот Кривичен суд денеска почна главната расправа за предметот „Тврдина 2“, во кој според обвинението од СЈО во 2015, непосредно по објавување на опозициските „бомби“, биле уништени системи за следење на комуникации.

Првообвинет во овој случај е поранешниот началник на  Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Грујевски и шест вработени во Управата. На Грујевски, кој е во бегство, ќе му се суди во отсуство.

На почетокот на денешното рочиште судијката на барање на одбраната и обвинителите ја исклучи јавноста од расправата поради изведување доверливи информации.

На претходното рочиште беше кажано дека во овој случај сведок е и колегата на Грујевски од УБК, Никола Бошковски, кој, исто така, е во бегство.

Одложено рочиштето за Тврдина 2

Горан Грујевски и Никола Бошковски се во бегство и по нив е распишана и меѓународна потерница. Тие се недостапни од 18 јули, откако Врховниот суд по повеќедневно пролонгирање им го потврди притворот што претходно го одреди Кривичниот суд.