Словачкиот министер за животна средина, Ласло Солумос поднесе оставка откако ноќеска, наводно, пијан, заедно со неговиот брат, учестувал во демолирање на кинески ресторан во Братислава, пренесоа локалните медиуми.

Солумос наводно бил уапсен поради напад врз персоналот на ресторанот и за уништување на мебелот, а според полицијата еден вработен во ресторанот по нападот побарал и медицинска помош.

Полицијата не го објави идентитетот на сторителот, но интернет страницата Pluska.sk уште ноќеска пренесе дека насилникот е Солумос, член на унгарско-словачката партија „Мост Хид“.

Според медиумските информации, уапсеното пијано лице гласно негодувало заради апсењето, тврдејќи дека е министер за заштита на животната средина.

Словачкиот премиер Петер Пелегрини утринава го повикал Солумос и од него побарал јавно да се извини, а министерот по средбата објави дека поднесува оставка. Тој, меѓутоа, одби да одговара на новинарски прашања.