СДСМ смета дека е неопходно Ѓорге Иванов веднаш да го додели мандатот со што ќе овозможи претседателот на партијата, Зоран Заев брзо да ја формира новата Влада и потоа законски да се утврди датумот за локалните избори.
– Блокадата на демократските процеси кулминира со штети врз граѓаните со утрешниот престанок на мандатот на градоначалниците и советите. Иванов нема право да ја загрозува егзистенцијата на луѓето во општините кои нема да можат да земаат плати и да ги блокира граѓаните да си ги добијат потребните општинските услуги, само затоа што на Никола Груевски и неговите соработници кои сакаат да бегаат од правдата, им одговара дестабилизација на државата, се вели во реакцијата на СДСМ.
Оттаму велат дека лицитацијата на ВМРО-ДПМНЕ со датуми за локалните избори е крајно несериозно и никаде не води.
– Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да преовладее разумот, партијата да постапи конструктивно и да овозможи Македонија да оди напред. Општините мора да продолжат да функционираат. На граѓаните им се потребни функционали независни институции што ќе им ги овозможи новата реформска Влада. Секој нов ден блокада на демократските процеси е нова штета врз граѓанските и државните интереси, се вели во реакцијата.