Елиф Елмас од Работнички, Јани Атанасов од Академија Пандев и Амел Рустемоски од швајцарски Грасхоперс се тројцата дебитанти во фудбалската репрезентација на Македонија за двојната акција на „Телеком арена“ во наредниот месец. Селекторот Игор Ангеловски повика вкупно 22 играча за пријателскиот дуел со Турција на пет јуни и шест дена подоцна против Шпанија во квалификациите за СП 2018 во Русија.
Репрезентацијата, овојпат, е без седум фудбалери од последниот собир во март во Скопје за мечевите со Лихтенштајн и со Белорусија. Ги нема Игор Алексовски (Вардар), Егзон Бејтулаи (Шкендија), Дарко Велковски (Вардар), Бобан Николов (Вардар), Никола Ѓорѓев (Грасхоперс), Давид Бабунски (Јокохама) и Марјан Радески (Шкендија) кои ќе бидат „под команда“ на Благоја Милевски во младата селекција што ја очекува историскиот настап на Европското првенство во Полска (16-30 јуни).
Давид Митов Нилсон од Норчепинг е одново во комбинација за место меѓу стативите, нов „А“ повик добија младите Кристијан Тошевски од Пелистер и Дарко Чурлинов од Келн и со препознатливиот напад предводен од Горан Пандев и Илија Несторовски.
Список на фудбалери во репрезентација на Македонија за мечевите во Скопје против Турција (пријателски, 5 јуни) и против Шпанија (квалификации за СП 2018, 11 јуни)