Трансфер „бомбата“ на европскиот фудбалски пазар е поставена и најавена е да „експлодира“ на „Паркот на принцевите“ во Париз најдоцна до понеделник или вторник за кога е закажана промоцијата на Нејмар за нов член на ПСЖ. Ексклузивната вест ја објави радио „Монте Карло“, ја пренесоа сите светски медиуми, и во неа се вели дека „Бразилецот ја прифати понудата на „светците““. Од Кнежевството тврдат дека ангажманот на напаѓачот е завршена работа, само се чека негово пристигнување во Градот на светлината за официјализирање на рекордниот премин од Барселона.
Изворот на радиото истакна дека „постигнат е договор со сите детаљи“. На „дилот“ му претходеа средби на таткото на Нејмар со претставници на францускиот вицешампион кои дале согласност за исплата на 222 милиона евра на колку што гласи откупната клаузула во неговиот договор со Барселона. Со тоа Бразилецот ќе стане најскапиот играч во историјата на фудбалот и „дебело“ ќе го надмине Пол Погба кој минатото лето се пресели од Јувентус во Манчестер јунајтед за 105 милиони евра.
„Нејмар донесе одлука. Неговата борба со Семедо е совршен пример. Не е почитуван во Барселона и секогаш стои во сенка на Лионел Меси кој е папа во градот“, пренесува радио „Монте Карло“ изјава на друг извор.
Случајно или не, веста за фудбаскиот трансфер на векот доаѓа по само неколку часа од инцидентот за време на клупскиот тренинг на Каталонците. Нејмар го напушти предвреме по остриот старт на Португалецот Нелсон Семедо и „блиската средба“ што потоа ја имаа двајцата.
Нејмар во Париз се чека за потпис на договор до 2022 година вреден 150 милиони евра или 30 милиони по сезона. Познавачи на приликите најавуваат дека трансферот на Нејмар може да доведе до сериозни бранувања на фудбалскиот пазар. За прв нареден се очекува да биде Килијан Мбапе од Монако до Реал Мадрид, но и потерата на Барселона по услугите на Пауло Дибала од Јувентус или Фелпе Кутињо од Ливерпул.