Јорданчо Давитков во ништо не бара алиби за поразот во Приштина во претквалификациите за Светското кошаркарско првенство во Кина во 2019 година. Косово ја совлада Македонија со 72:68 за што како пресудно на крајот се покажа првото полувреме по кое противникот имаше цели 20 поени разлика (40:20). Токму во тој дел од натпреварот, селекторот ги гледа причините за неуспешниот вовед во циклусот.
„Мислам дека одигравме најслабо по моето преземање на кормилото. Косово ја имаше контролата, неговите кошаркари постигнаа многу поени, беа доминантни во рекетот. Дардан Бериша покажа дека е одличен играч, вистински лидер и главно „оружје“ на косовската селекција. Го знаевме тоа. Заигравме подобро во второто полувреме, но минусот беше тешко надоместлив во една таква атмосфера. Се останато беше совршено во однос на организацијата, безбедноста и други технички делови во мечот“, порача Давитков по враќањето во Скопје.
Пред Македонија се уште три меча во претквалификациската група Ц за поправање на впечатокот по стартниот пораз. Првиот е веќе во сабота против Естонија во „ВИП арена Борис Трајковски“ од 20,30 часот.