Се компликува трансферот на Нејмар во ПСЖ и покрај дозволата за заминување што Бразилецот ја доби од Барселона. Во случајот се вклучи и шпанската Ла Лига која одби да прифати исплата на 222 милиони евра на колку што гласи откупната клаузула во договорот на фудбалерот со клубот од „Камп Ноу“.
Реакцијата од Ла Лига е без легална основа за спречување на трансферот бидејќи е исполнет услов од договорот, но, сепак, се решија да стават вето и најавија жалба до УЕФА за прекршување на финансискиот фер-плеј од францускиот клуб.
„Легални застапници на фудбалерот дојдоа кај нас да приложат депозит за клаузулата, но тоа е одбиено“, порача портпаролот на Ла Лига.
Во договорот меѓу Нејмар и Барселона е наведено под кој услов може да дојде до разделба на двете страни пред изминување на рокот на важност. Тоа е понуда од 222 милиона евра што во конкретниот случај богатите газди на „светците“ од Париз се подготвени да платат.
Конечната одлука дали ПСЖ го крши правилото за финансиски фер-плеј што не дозволува загуби на годишно ниво или минус од 39 милиони евра за период од три години се очекува кон крајот на август.