Бибијана Штајнхаус (38) влезе во историјата како прва жена што делеше правда во фудбалски натпревар од елитна конкуренција. Полициската офицерка од Бад Лотеберг, западна Германија, означи почеток и одлично се снајде на олимпискиот стадион во Берлин во дуелот меѓу Херта и Вердер (1:1) во третото коло во Бундеслигата. Потегот на нејзиното раководство се толкува како поместување на границите и надеж дека и останатите топ национални шампионати во Европа (Серија А, Примера, Лига 1 и Премиерлига) ќе го следат примерот.
„Ова е јасна порака за остатокот на светот“, изјави Фатма Самура, генерална секретарка на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА).
Штајнхаус од оваа сезона е вклучена во листата на 24 главни арбитри во Бундеслигата меѓутоа во првите две кола не излезе на терен. Фудбалски судија е од 1999 година и почетоците во кариерата ѝ се врзани со женската Бундеслига. Од 2007 година акумулира искуство и во втората германска лига или популарната „Цвајте“ и во националниот Куп, а десет години подоцна е вброена и во првиот судиски ешалон за највисокот натпреварувачки ранг во Германија.
Штајнхаус во меѓувреме го судеше женското финале на олимпискиот турнир на Игрите во Лондон во 2012 година и ја доби довербата да дели правда и во финалето во женската Лига на шампиони за минатата сезона.
„Во оваа работа никогаш не бев понесена кон цел за еманципација на жените туку да го работам тоа што сакам да го работам. Ако сум пример за многу млади девојки и пионерки за унапредување на еднаквите права, тогаш сум задоволна“, коментира Штајнхаус и додаде дека мечот меѓу Херта и Вердер бил уште еден обичен за неа што добил „симблична димензија“ на што таа не може да влијае.
Третиот бундеслигашки викенд во сезоната беше заокружен со победата на Шалке над Штутгарт со 3:1.