Речиси 50 дена нема ни трага ни глас од Горан Грујевски и Никола Бошковски, двајцата поранешни началници во петтата управа на УБК кадешто е системот за прислушување, обвинети од СЈО за следење коминукации и за уништување на опремата.
Нивното бегство е организирано, а во МВР истражуваат кој им помогнал на двајцата бегалци да не отидат во притвор. Според Спасовски бегството е резултат на грешка судот.
-Очигледно е дека овде станува збор за еден сплет на околности, на поврзаности меѓу јавното обвинителство, меѓу судството и меѓу структурите на поранешната власт кои што дозволија бегање односно напуштање на државата на овие две лица и за тоа верувајте дека се водат соодветни постапки и ќе дојдеме и до други лица кои сигурно го озвозможиле тоа и за кои треба да се покрене сериозна одговорност, изјави вчера министерот Оливер Спасовски.
Одлуката за притвор Апелациониот суд во Скопје ја донесе на 18 јули, но тие останаа на слобода чекајќи го изјаснувањето на врховните судии. Оттаму информацијата дека треба да одат во притвор беше позната во јавноста на 26 јули околу 14 часот, а Врховен официјално преку соопштение ја потврди еден час подоцна. Процедурата потребна за решенијата, односно налозите за апсење да пристигнат од судот до МВР траеше околу седум часа, што според познавачите, е повеќе од доволно за засегнатите да се пуштат во бегство.
Биле барани на шест-седум локации за кои МВР се сомневала дека таму може да ги пронајде, но не биле најдени. Исто така, не можеле да ги лоцираат ниту преку мобилните телефони бидејќи наводно ги „заборавиле“ дома.
На четвртиот ден од бегството МВР објави потерници.
Во меѓувреме, беше откриено и дека Грујевски имал двоен идентитет и друг пасош на име Владимир Варелов, негов сограѓанин од Велес кој е вработен во ЕБР.
Спасовски не прецизира кој му го издал вториот пасош на Грујевски и дали е повлечен од употреба.
Прашан за другите евентуални идентитети на Грујевски, освен оној на Владимир Варелов, министерот Спасовски потврди дека вработените во УБК поседуваат различни идентитети, но само кога извршуваат специфични службени обврски. Според него, додека се трага по Грујевски и Бошковски, паралелно се води истрага и за оние лице коишто го помогнале нивното бегство.
Двајцата се обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство кои се однесуваат на злоупотребата на системите за прислушкување на УБК и на уништувањето на опремата. Бошковски е вработен во Управата, а Грујевски беше началник на петтата управа во УБК.
Утре Врховниот суд на седница ќе одлучува за судбината на еден од двајцата најпознати свиркачи во Македонија, Ѕвонко Костовски, човекот без кого никогаш немаше да се дознае дека поранешната власт прислушува пола милион граѓани.
Во четврток Врховен ќе одлучува за свиркачот Ѕвонко Костовски
Костовски, сега е единствен обвинет во случајот „Пуч“ кој го отвори Јавното обвинителство под палка на поранешниот републички обвинител, Марко Зврлевски.
Денеска НОВА ТВ ја продлжува серијата со детали од спогодбата на Костовски и мислењето на Прибе.