Со вечерашните дуели во Загреб и во Белфаст, утревечер во Стокхолм и во сабота (20,45 ч.) во Копенхаген започнува разврската за четири преостанати билети во УЕФА зоната за Светското фудбалско првенство во Русија. Нокаут фазата за мундијалот во 2018 година ја отвораат Хрватска и Грција, односно, Северна Ирска и Швајцарија, Шведска ќе биде домаќин на Италија, а Данска на Република Ирска во воведните 90 минути од бараж пресметките.
Хрватска на „Максимир“ против „најздодевната“ екипа на континентот
„Коцкестите“ по петти пат ќе играат бараж за ЕП или СП. Досегашните четири ги минаа успешно, а се надеваат на идентичен расплет и овојпат за јубилејно 10 учество на големите турнири по прогласената независност во 1991 година.
Настапите во групата И ги завршија како второпласирани со два бода помалку од Исланд на лидерската позиција. Дополнителните 180 минути за Русија ги осигураа во, буквално, последното коло со победата против Украина на гости (0:2). Во квалификациите влегоа со Анте Чачиќ кој доби отказ пред дуелот во Киев, селекторската улога му беше доверена на Златко Далиќ кој засекогаш ќе го памети дебито на националната клупа.
„Евентуален триумф во првиот меч ќе значи олеснување на работата во голема мера пред реваншот во Атина. Грците се дефанзивно ориентирани и ќе се обидат да сочуваат мирна мрежа, но свесни сме за потенцијалот што го носиме како поединци и како колектив и се надеваме дека ќе успееме до добар резултат за возвратните 90 минути. За тоа ќе треба да одиграме како против Украина“, вели крилниот напаѓач Иван Перишиќ во пресрет на денешната средба на распродадениот „Максимир“.
Грција, пак, стигна до бараж преку групата Х во која се пласира зад Белгија. Апетитите на националниот тим на јужниот сосед не запират тука. И тие отпатуваа во Загреб со свои адути, со желба за активен резултат и комплетирање на мисијата на домашен терен што ќе значи и трето нивно учество на СП во низа. До последен момент ќе бидат неизвесни Василис Торосидис и Сократис Папастатопулос, но против Хрватска вечерва ќе мораат без Костас Манолас кој е под суспензија.
И едните и другите црпат самодоверба за успех од натпреварите во изминатиот период. Хрватите не знаат за пораз како домаќини во 11 меча (осум победи и три реми), Грците немаат пораз во петте гостувања во квалификациите (три победи, два нерешени исхода).
Северна Ирска и Швајцарија во прв натпреварувачки дуел по 1964 година
Вечерва, фудбалски речено, ќе „гори“ и Белфаст. Северна Ирска ја пречекува Швајцарија во прва пресметка од натпреварувачки карактер по 1964 година. Домашната јавност е сè уште под импресии од дебитантскиот настап на репрезентацијата на ланското ЕП во Франција што сака да ги надгради и со учество во Русија.
Северноирците не можеа против Германија во групата Ц, но затоа ги исфрлија од игра Чешка и Норвешка и заслужено се каде што се. Импесивна беше и Швајцарија во групата Б чии фудбалери држеа максимален ефект до последното коло и поразот од Португалија (0:2).
„Најважно за нас е да не примиме гол. Посветено се подготвуваме за мечот во Белфаст каде имаме само еден пораз во изминатите четири години. Тоа, секако, не значи дека ќе биде лесно. И тие имаат одлични квалификации за себе, но ние голема прилика да патуваме во Русија наредната година. Свесни дека мора да одиграме на максимум и истовремено веруваме дека сме доволно добри и да биде така“, порачува Мајкл О’Нил, селектор на Северна Ирска.
Шведска без притисок и Ибрахимовиќ, Италија во неизвесно гостување на европскиот север

Фудбалски мундијал без четирикратниот светски шампион, Италија, е тешко замисливо за многу фанови. Приврзаниците на „азурите“, сепак, стравуваат од можна реприза на СП во 1958 година што засега е единствено без настап на нивната селекција. На мисли кон такво нешто ги навраќа убедливиот пораз од Шпанија и срамните за нив 1:1 против Македонија во финишот на квалификацискиот циклус. Топката ја спушта предводникот Џан Пјеро Вентуа кој возврати дека евентуално пропуштање на Русија никогаш и не било во неговата глава.
„Да се биде дел од Светско првенство е значајно за секого. И за младите и не така возрасните. Никогаш не сум ја прифатил можноста дека може да останеме без Русија ниту сум размислувал. Италија никогаш нема да дозволи да паднеме ниту пак ние ќе дозволиме Италија да падне“, коментира 69 годишниот италијански селектор.
Швеѓаните се соочуваат да пропуштат и трето СП во низа. Го добија, можеби, најтешкиот противник ако се има во предвид имиџот на Италијанците да одиграат на резултат, а згора на тоа ќе немаат помош од Златан Ибрахимови на теренот. Шведска се пласира зад Франција во групата А пришто од трка за СП 2018 отпадна Холандија.
Данска и Република Ирска сонуваат кам-бек на светската сцена
Република Ирска фати континуитет на Европските првенства (учествувапше во 2012 година и во 2016 година), но Светско сонува од 2002 година. Баражот беше обезбеден благодарение на голот на Џејмс Меклин, крилен играч на ВБА, за победа над Велс во минатиот месец.
„Првенствено сме презадоволни што воопшто стигнавме до ждрепката за баражите. Бевме меѓу неносителите што секогаш значи дека ве очекува тежок и неизвесен двомеч. Почестени сме што ќе бидеме дел од него“, гласи кусиот коментар на селекторот на Репулика Ирска, Мартин О’Нил.
Данските настапија на СП 2010 во Јужна Африка, но не и во Бразил во 2014 година. Бараж дофатија преку групата Е од која директен пласман во Русија осигура Полска. Имаат само еден пораз во осумте последни претставувања пред своите навивачи, четири меча добија, три одиграа без победник. Меѓутоа и Ирците со крената глава отпатуваа за Копенхаген. Не знаат за пораз во шесте гостувања од кои се враќаа со три победи и 3 нерешени резултати.
Ждрепката за групите на СП 2018 е закажана на 1 декември, завршниот турнир е наредното лето од 14 јуни до 15 јули во Русија.
Баражи за СП 2018 – УЕФА зона
Хрватска – Грција (четврток, 20.45 ч., Загреб)
– реванш (недела, 20.45 ч., Атина)
Северна Ирска – Швајцарија (четврток, 20.45 ч., Белфаст)
– реванш (недела, 20.45 ч., Базел)
Шведска – Италија (петок, 20.45ч., Стокхолм)
– реванш (понеделник, 20.45 ч., Милано)
Данска – Република Ирска (сабота, 20.45 ч., Копенхаген)
– реванш (вторник, 20.45 ч., Даблин)
Останати бараж двојки за СП 2018
Перу – Нов Зеланд
Хондурас – Австралија
Тунис – Конго
Мароко – Брегот на Слоновата Коска
Сенегал или Буркина Фасо или Зеленортски острови или Јужна Африка
На Светското првенство во Русија догодина досега се пласираа: Русија, Белгија, Англија, Франција, Германија, Исланд, Полска, Португалија, Србија, Шпанија, Бразил, Аргентина, Колумбија, Костарика, Египет, Иран, Јапонија, Мексико, Нигерија, Панама, Саудиска Арабија, Јужна Кореја и Уругвај.