Реал го декласира АПОЕЛ во Никозија со 6:0, Наполи го совлада Шахтјор со 3:0 и остана во игра за осминафинале, фаза што ја дофати Бешикташ на коло до крајот во групата Г, Тотенхем славеше над Борусија во Дортмунд со 2:1, но „убавицата“ на вечерта се одигра во шпанската покраина Андалузија. Ливерпул имаше убедливи 3:0 против Севилја по пола час игра, но на крајот мораше да се помири со реми и пропуштање на првата меч топка на „црвените“ за пласман меѓу најдобрите 16.
Менаџерот Јирген Клоп тешко го прифати освоениот бод иако в џеб ги имаше трите и остана без конкретен одговор што се случи со неговата екипа на гостувањето на „Рамон Санчез Пискуан“. Тимот од „Енфилд“ го делеа 45 минути од нокаут фазата меѓутоа се што направи премиерлигашот во првиот дел, го упропасти во вториот.
„Престанавме да играме фудбал во второто полувреме. Во првото „пукавме“ со самодоверба, но целата формација често доцнеше во продолжение на средбата. Моравме навреме да го завршиме мечот, но станавме пасивни и премногу се повлековме. Загубивме, но и не загубивме. Освоивме бод“, коментира германскиот менаџер на клупата на „црвените“.
Двапати Фирмињо (втора и 30 минута) и еднаш Мане (22 минута) реализираа за Ливерпул. Двоен стрелец во своите редови имаше и Севилја. Бен Једер во 51 минута и во 60 од пенал намали на 2:3 за конечните 3:3 ги постави Пизаро во третата минута од судиското продолжение.
Ливерпул останува лидер во групата Е со девет бода, еден повеќе од Севилја. Во последното коло на „Енфилд“ ќе гостува московски Спартак, а, пак, Севила ќе патува на мегдан на Марибор. „Црвените“ во меѓувреме ќе се судрат и со Челзи во дербито на 13. коло во англиската Премиерлига.
Пласман во осминафинале обезбеди Реал Мадрид. Европскиот шампион го понижи АПОЕЛ во Никозија со 6:0 и прослави прогрес во елитното натпреварување со оглед и на поразот на „милионерите“ од Тотенхем (1:2). Бензема (39 минута, 45+1 минута) и Роналдо (49 минута, 54 минута) постигнаа по два гола за „кралевите“, Модриќ (23 минута) и Начо (41 минута) додадоа по еден во триумфот на Реал Мадрид на Кипар.
Лига на шампиони
Група Е
Спартак Москва – Марибор 1:1
Севилја – Ливерпул 3:3
Табела: Ливерпул 9, Севилја 8, Спартак Москва 6, Марибор 2.
Идно коло (6 декември): Ливерпул – Спартак Москва, Марибор – Севилја.
Група Ф
Наполи – Шахтјор 3:0
Манчестер сити – Феенорд 1:0
Табела: Манчестер сити 15, Шахтјор 9, Наполи 6, Феенорд 0.
Идно коло (6 декември): Шахтјор – Манчестер сити, Феенорд – Наполи.
Група Г
Бешикташ – Порто 1:1
Монако – Лајпциг 1:4
Табела: Бешикташ 11, Порто 7, Лајпциг 5, Монако 4.
Идно коло (6 декември): Лајпциг – Бешикташ, Порто – Монако.
Група Х
Борусија Дортмунд – Тотенхем 1:2
АПОЕЛ – Реал Мадрид 0:6
Табела: Тотенхем 13, Реал Мадрид 10, Борусија Дортмунд 2, АПОЕЛ 2.
Идно коло (6 декември): Тотенхем – АПОЕЛ, Реал Мадрид – Борусија Дортмунд.