Ништо од тениска класика во машкото финале на Австралија опен. Марин Чилиќ е прв полуфиналист на гренслемот во Мелбурн, откако Рафаел Надал го предаде мечот при резултат 3:6, 6:3, 6:7, 6:2, 2:0 за шестиот носител од Хрватска.
Чести беа болните изрази на лицето на Надал во четвртфиналната пресметка со Чилиќ. Моментно водечкиот на АТП листата имаше тешкотии во движењето на терен. Болките од повредата го ограничуваа во желбата за вадење на максимум од себе, а како одминуваше мечот стануваа сè понеподносливи.

За состојбата на Надал деновиве предупреди и Ричард Крајичек. Холанѓанецот нотира дека телото на Шпанецот се потешко ги поднесува напорите, дека Ѓоковиќ е далеку од посакуваната форма, па храбро прогнозира дека не гледа кој би можел да го загрози Роџер Федерер на тронот во Мелбурн. И во право беше. Ѓоковиќ вчера беше сензационално поразен од Јужнокореецот Хјеон Чунг, а настапите на Австралија опен денеска завршија и за Надал.
Чилиќ во полуфиналето ќе игра со Кајл Едмунд кој е, исто така, изненадување на турнирот. Британецот во четврт-финалето го порази Григор Димитров со 6:4, 3:6, 6:3, 6:4. За ноќеска се поместени останатите две пресметки за полуфинале кај мажите. Чунг ќе игра со Американецот Сандгрен додека Федерер за противник ќе го има Чехот Томаш Бердих.
Изненадување донесе и првото четврт-финале кај девојките. Белгијката Елис Мертенс ја декласира четвртата носителка, Елина Свитолина од Украина со 6:4, 6:0 и во полуфиналето ќе игра со подобрата од мечот меѓу Каролина Возњацки и Карла Суарез Наваро што е во тек.
Австралија опен
Мажи, четврт-финале
Чилиќ (6., Хрватска) – Надал (1., Шпанија) 3:6, 6:3, 6:7, 6:2, 2:0 (Надал го предаде мечот)
Едмунд (В. Британија) – Димитров (3., Бугарија) 6:4, 3:6, 6:3, 6:4
Жени, четврт-финале
Мертенс (Белгија) – Свитолина (4., Украина) 6:4, 6:0