Мундијалска титула или повлекување од репрезентацијата. Ова се опциите што пред себе ги постави Лионел Меси, а се директно поврзани со претстојното Светско фудбалско првенство во Русија. Ѕвездата на Барселона има се што може да посака на клупски план, но она што недостасува во неговата богата колекција е трофеј со „гаучосите“ на планетарните смотри.
„Сонувам за освојување на Светското првенство во Русија. Ако не успееме во тоа, единствено што преостанува е повлекување од репрезентацијата“, истакна Меси.
Меси веќе има едно повлекување зад себе. Се збогува со националниот тим по поразот на пенали од Чиле во финалето на Копа Америка во 2016 година меѓутоа подоцна се предомисли и повторно се стави на располагање на стручниот штаб.
Дебито во аргентинската репрезентација го имаше во 2005 година и од тогаш одигра 123 натпревари. Најблиску до мундијалска титула беше на турнирот во Бразил во 2014 година на кој „гаучосите“ стигнаа до финале што го загубија од Германија. Двапати е поразен и во мечевите за тронот на Копа Америка од селекцијата на Чиле.