Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 30 март во Виена ќе имаат заедничка средба со поредникот на ОН Метју Нимиц во обид да ги приближат ставовите за изнаоѓање прифатливо решение за спорот со името.
Грчкиот министер утре треба да дојде во Македонија, каде ќе се разгледува содржината на двете нацрт-спогодби, онаа што Македонија ја испрати во Грција, и грчката. И двете содржат предлог-решенија за постигнување договор за решение на овој спор, во кои како што рече министерот за надворешни работи Никола Димитров има разлики.
– Грчката нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период. Секогаш кога комуницираме преку медиуми работата се компликува. Чесно е да кажам дека има разлики и се надеваме дека ако мислиме заеднички на една цел ќе успееме тие разлики да ги надминеме, порача Димитров.
Премиерот Зоран Заев смета дека ова треба да биде алатка која може да помогне, а не да одмогне на процесот на подготовка на преговорите што ќе продолжат во Виена на 30 март.
Прес – службата на ОН вчера ја потврди информацијата за средба на 30 март.
– Метју Нимиц, специјалниот претставник на Генералниот секретар ќе има заедничка средба со Никос Коѕијас, министер за надворешни работи на Република Грција и Никола Димитров, министер за надворешни работи на поранешната Југословенска Република Македонија на 30 март во Виена. Средбата е дел од напорите на ОН за посредување меѓу двете земји за наоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето за името, се вели кусото соопштение од прес-службата на ОН.
Објавувањето на информацијата дека и Македонија испратила нацрт-спогодба до Грција следеше откако Коѕијас во Брисел, по советот за надворешни работи на ЕУ, за грчката државна телевија изјави дека текст што ги содржи грчките предлози и агенда за идна соработка бил испратен деновиве до Скопје.
– Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идна агента на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје, рече шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ.
– Посетата е важна бидејќи Коѕијас доаѓа на нашиот аеродром што значи мерка на доверба и исчекор кон пријателството што го создаваме. Ќе има серија состаноци меѓу министрите за надворешни работи и работните групи, рече македонскиот премиер Заев во врска со посетата.
Според него, ваквите билатерални средби можат да бидат само помош на преговарачкиот процес што се води под покровителство на ОН, во функција на изнаоѓање решение, а не одложување.
Откако шефот на грчката дипломатија откри дека нацрт спогодбата е испратена до Скопје, грчките медиуми, меѓу кои и „Катимерини“ и „Та неа“ ги објави петте имиња што се содржани во грчкиот предлог. Всушност станува збор за истите идеи доставени од медијаторот Метју Нимиц, односно имињата: Република Северна Македонија, Република Нова Македонија, Република Горна Македонија, Република Вардарска Македонија, Република Македонија (Скопје).