Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, коментирајќи ја изјавата на рускиот амбасадор Олег Шчербак дека во можно сценарио на напад на НАТО врз Русија, Македонија како членка би била потенцијална мета на руски напад, денеска изјави дека Македонија не е закана за Русија.
– Претпоставувам дека неговата изјава тргнува од нивната најнова воена доктрина односно дека се што е НАТО за нив е легитимна цел, и особено ако на територијата на Македонија утре како членка на НАТО се инсталираат воени бази кои би можеле да бидат дополнителна закана за нив. Мојата политичка квалификација би била дека станува збор за несреќна изјава. Руската Федерација нема ниту една причина да се плаши од Македонија – денес кога не е членка на НАТО и утре кога ке стане, оцени Пендаровски.
Во врска со преговорите со Грција за решавање на спорот со името, тој рече дека не е песимист, туку реалист во однос на прашањето за името и оцени дека земјата се уште е во рана фаза од преговорите со Грција.
– Ако на 11 и 12 јули не добиеме покана за влез во НАТО, не гледам што е пологично, освен да продолжиме да преговараме. Не мислам дека треба да го архивираме тоа прашање бидејќи тоа е нашата стратешка позиција. Не гледам воопшто друга алтернатива која е подобра од оваа, и тој аспект апелирам дека нема Македонија да ја нема ако на 13 јули немаме договор, рече Пендаровски.
Говорејќи на научната тркалезна маса „Алтернативи на и за НАТО: интеграција на Република Македонија, политичка реалност, идни решенија и можности“ на Факултетот за безбедност во рамки на Дипломатскиот форум, тој истакна дека 50 отсто од исходот во преговорите зависи од македонската страна, а останатите 50 проценти од грчката страна, односно дали таа има волја да направи нормален договор, достоинствен за двете страни.
– Тука постои и трет фактор – меѓународната заедница, клучни играчи кои се во заднина, кои, исто така, имаат свои интереси дури и некои што не се формално вклучени во процесот, надвор од регонот, кои не се дел од атлантската заедница, кои на разни начини индиректно можат да го опструираат тој процес, рече Пендаровски и додаде дека немало поголема политичка волја за компромис во однос на името од оваа актуелна Влада откако сме независна држава.
Оцени дека се уште се работи за рана фаза од преговарачкиот процес.
– Постоеше иницијален сет на идеи од медијаторот Метју Нимиц, два месеци наназад, и во меѓувреме последнава втора рунда преговори, по празниците веројатно ќе следи трета рунда преговори, и според мене тоа е се уште малку како интензитет на средби и до овој момент позициите се се уште различни, рече Пендаровски.
Во врска со изјавите од одредени американски експерти дека ако нема исход во преговорите, може и на друг начин да бидеме примени во НАТО под привремената референца, рече дека тоа се предвидувања, односно вин-вин сценарија на експерти кои не се вклучени внатре во процесот.