За влакно е избегната трагедија на Светското фудбалско првенство во Русија. Непосредно пред слетување во Ростов се запали авионот со кој се превезуваше репрезентацијата на С. Арабија што, за среќа, мина без последици. Благодарение на присебната реакција на пилотот, саудијските играчи, сепак, беа безбедно приземјени на аеродромот во градот на Дон каде во среда од 17 часот ќе играат против Уругвај во рамки на второто коло во групата А. Видео снимка од воздушниот инцидент во кој пламна десниот мотор на леталото, а потоа и крилото со брзина на светлината се рашири низ светските медиуми и социјалните мрежи.
„Сакаме да ве увериме дека сите членови во мисијата на репрезентацијата во Русија се безбедни по минорниот технички проблем на моторот на авионот. Леталото се приземји на аеродромот во Ростов и играчите се наоѓаат во нивните хотелски соби“, стои во соопштението на Фудбалската федерација на Саудиска Арабија.
Безбедното приземјување на проблематичниот лет на рускиот авион на аеродромот во Ростов на Дон беше поздравено со бурни аплаузи на фудбалерите. Леталото, јавуваат светските медиуми, било купено од американската компанија „Фронтиер Ерлајнс“ пред 12 години како ново пред да биде препродадено на руската „Донавија“ во јули во 2013 година. Од април во 2016 година, Ербасот од типо А319-100 е даден под наем на „Русија Ерлајнс“ со седиште во Санкт Петербург.
Од Фудбалската федерација на Саудиска Арабија истакнуваат дека авионот што имаше технички проблем на летот од Москва до Ростов на Дон нема никаква врска со „Сауди Арабиан Ерлајнс“ и бил предвиден од организацискиот комитет за превоз на тимовите учесници на Светското првенство во Русија. Селекторот, пак, на „зелените соколи“, Хуан Антонио Пици го нарече дефектот „срамен“.