Спортот зближува и обединува. Пример за тоа е претстојното Светско ракометно првенство (10 – 28 јануари) на кое Јужна и Северна Кореја ќе испратат заедничка репрезентација. Договорот за унифицирање го потврдија челниците на ракометните Федерации во двете земји и доаѓа по состанокот во севернокорејскиот пограничен град Каесонг. Спогодбата опфаќа тим од 20 играчи од кои 16 ќе бидат јужнокорејци и четворица севернокорејци.
Јужна Кореја обезбеди место на ракометниот мундијал како третопласирана во азиските квалификации преку кои не успеа Северна Кореја. Меѓутоа на помалку од два месеца до настанот во Германија и во Данска произлезе идеја за заеднички корејски настап од Интернационалната ракометна федерација (ИХФ).
Двете земји размислуваа за формирање на заедничка женска селекција со оглед дека севернокорејките се поконкурентни од нивните машки колеги во меѓународни рамки, но предлогот на ИХФ наиде на поддршка од Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и од Германија за претстојното СП 2019.
Бидејќи Јужна Кореја не се согласи за намалување на бројот на своите репрезентативци, ИХФ мораше да направи отстапка и дозволи заедничкиот тим на мундијалот да има 20 ракометари или четири повеќе од сите останати учесници што се резервирани за играчи од Северна Кореја.
Корејската репрезентација е во групата А на СП 2019 заедно со ко-домаќинот Германија, со Франција, со Русија, со Србија и со Бразил.
Во групата Б ќе играат Шпанија, Хрватска, Исланд, Македонија, Бахреин и Јапонија, групата Ц ја сочинуваат Данска, Норвешка, Австрија, Тунис, Чиле и Саудиска Арабија додека групата Д ќе понуди пресметки меѓу Шведска, Унгарија, Катар, Египет, Ангола и Аргентина.