Вардар со нова победа над ППД Загреб се проби до четврт-финале во ракометната Лига на шампиони. „Црвено-црните“ и во реваншот го совладаа хрватскиот противник со 32:30 за потврда на оние 27:18 од првата средба во загрепска арена во минатиот викенд.
Европскиот првак од 2017 година беше преголем залак за континенталниот шампион од 1992 година и финалист во еминентното натпреварување на ЕХФ во 1997 година, во 1998 година и во 1999 година (сите три порази од моќната Барселона). Вардарци без проблеми ги одработија и возвратните 60 минути пред своја публика и сосема заслужено се меѓу најдобрите осум во ЛШ, фаза во која ќе играат со победникот од двомечот ПИК Сегед – Висла Плоцк.
Тренерот Роберто Гарсија Парондо остана на зборот дека ќе даде минутажа на сите ракометари во ротацијата, а во листата на стрелци не успеа да се впише само Бразилецот Рожерио Фереира Мораеш и голманите Гедбане и Милосављев.
Најефикасен во тимот на Вардар беше Иван Чупиќ со девет гола, четири додаде Тимур Дибиров, Игор Карачиќ реализира три додека противничката мрежа во двапати ја погодуваа Сташ Скубе, Глеб Калараш, Сергеј Горбок, Данил Шишкарев, Вуко Борозан и Дмитри Киселев. Прв стрелец во реваншот, пак, беше гостинскиот играч Златко Хорват со 11 погодоци.
Ова беше трета победа на Вардар над Загреб во четвртиот меѓусебен дуел во оваа сезона. Покрај двете во осминафиналето во ЛШ, „црвено-црните“ ги поразија „плинарите“ на домашен терен и во СЕХА лигата. Двете екипи ги чека и судир во полуфиналето на Фајналфор турнирот во регионалното натпреварување на 2 април во Брест, Белорусија. За место во финалето ќе играат и Мешков против Нексе. Мечот за титулата е на 3 април.
Лига на шампиони/осминафинале
Реванш мечеви
Вардар – ППД Загреб 32:30 (прв меч 27:18)
Нант – Рајн Некар Левен 30:27 (32:34)
Веспрем – Спортинг Лисабон 35:29 (30:28)
Виве Кјелце – Мотор Запорожје 34:29 (33:33)