Се наѕираат два полуфиналиста во ракометната Лига на шампиони ако се суди според резултатите од првите четвртфинални мечеви и тоа на гостински терен. Барселона и Веспрем се враќаат убедливи победи од Франција, односно, Германија и за мирни подготовки за реваншите и потврда на учеството во Келн.
Каталонците триумфираа против Нант на Кире Лазаров со 32:25 (полувреме 16:12) и, речиси, се сигурни учесници на Фајналфор пресметките во „Ланксес арена“ на 1 и 2 јуни. Ракометарот со славно фудбалско презиме, Лудовик Фабрегас, ги предводеше гостите со девет погодоци, Валеро Ривера, пак, беше најефикасен кај домашните со осум гола. Капитенот на македонската репрезентација го заврши мечот со два гола.
Веспрем, пак, славеше на мегданот на Фленсбург со 28:22 (полувреме 15:15) за формален реванш наредната недела во Унгарија. Андреас Нилсон со шест гола беше незапирлив за бундеслигашот во „Фленс арена“, по пет за поразената екипа реализираа Холгер Гландорф и Магнус Јондал.
Утревечер (четврток) од 20 часот во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, Вардар ќе биде домаќин на ПИК Сегед, а првиот дел од четвртфиналните дуели ќе се заокружи во сабота со средбата меѓу Виве Кјелце и ПСЖ.