Најмалку седум лица починаа во Европа како последица на високите температури додека во Франција и во Шпанија беснеат и пожари што уништија голема површина земјиште. Временските неприлики во текот на овој викенд беа фатални за две лица во Франција, исто толку во Шпанија и три во Италија.
Во францускиот регион Гард измерени се температури од 45,9 степени, а опожарени се 550 хектари земјиште, неколку куќи и автомобили.
Еден маж (53) почина додека учествуваше во велосипедската трка во регионот Арје, а полицијата ја истражува причината за смртта. Организаторите ја откажаа трката, откако и други натпреварувачи се пожалиле на мачнини. Друг велосипедист, пак, почина во регионот Вокли во јужна Франција, откако се онесвестил од жештините.
Во 25 од 90 административни окрузи во Франција е усвоена регулатива за ограничување на користењето на вода, првенствено за земјоделството, бидејќи може да влијае на жетвата.
Поголем дел од пожарите што ја зафатија Шпанија се ставени под контрола, меѓутоа пожарникарите и натаму се справуваат со огнените стихии во Толедо и во Мадрид каде се причинети штети на голема површина на земја.
Германската метеоролошка служба предупреди за екстремно топлото време, а температурите во некои покраини, како на пример во Саксонија, достигнаа и до 39 степени.
Некои натпреварувачи во атлетската трка што се одржува во Франкфурт колабираа поради високите температури.
Во Италија, папата Франциск, за време на утринската молитва, рече дека се моли за оние кои најмногу се погодени од топлото време како болните и стари изнемоштени лица, градежните работници и сите кои мора да работат на отворено.