Македонската фудбалска репрезентација ја исполни целта во првиот од двата октомвриски меча во квалификациите за ЕП 2020. На националната арена „Тоше Проески“ е совлада Словенија со 2:1 за пробив на третата позицијата на табелата во групата Г.
Стрелец на двата гола за трет триумф во циклусот беше Елиф Елмас. Играчот на Наполи погоди по асистенција на Пандев во 50. минута, а чуварот на мрежата на мадридски Атлетико, Јан Облак го принуди на капитулација и во 68. минута.
Почесниот гол за словенечкиот состав беше дело на Јосип Иличич од белата точка во петтата минута од судиското надополнување.
Полска ја оправда фаворитската улога во Рига и славеше над Летонија со 3:0, а Австрија во Виена со пресврт го совлада Израел со 3:1.
Полјаците се лидери на табелата со 16 бода пред Австријците кои имаат три помалку. По нив следуваат Македонија и Словенија кои досега собраа по 11, Израелците се претпоследни со осум бода, а Летонците се наоѓаат на „фенерот“ без освоен бод по седум одиграни меча.
Осмото коло во групата Г ќе почне во недела со мечевите Полска – Македонија и Словенија – Австрија, а ќе се комплетира во вторник со натпреварот Израел – Летонија.
Македонија – Словенија 2:1 (0:0)
Национална арена: „Тоше Проески“ во Скопје. Гледачи: 16.500. Гл. судија: Дани Макели. Асистенти: Марио Дикс и Хесел Стегстра (сите тројца од Холандија). Ж. картони: Муслиу, Пандев, Ристовски, Зајков (Македонија); Куртич (Словенија). Стрелци: Елмас 50’, 68’ за Македонија; Иличич 90’+5’ од пенал за Словенија.
Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Ристовски (Зајков 81’), Алиоски, Адеми (Тошевски 77’), Спировски, Николов, Елмас, Пандев (Тричковски 66’), Несторовски. Селектор: Игор Ангеловски
Словенија: Облак, Балковец, Мевља, Струна, Стојанович, Безјак (Берич 79’), Куртич, Крхин (Попович 48’), Иличич, Шпорар, Вербич (Зајц 65’). Селектор: Матјаж Кек.
Квалификации за ЕП 2020 во фудбал
Група Ц
Холандија – Северна Ирска 3:1
Белорусија – Естонија о:0
Табела: Холандија 12, Германија 12, Северна Ирска 12, Белорусија 4, Естонија 1.
Група Е
Хрватска – Унгарија 3:0
Словачка – Велс 1:1
Табела: Хрватска 13, Словачка 10, Унгарија 9, Велс 7, Азербејџан 1.
Група Г
Македонија – Словенија 2:1
Австрија – Израел 3:1
Летонија – Полска 0:3
Табела: Полска 16, Австрија 13, Македонија 11, Словенија 11, Израел 8, Летоонија 0.
Група И
Русија – Шкотска 4:0
Белгија – Сан Марино 9:0
Казахстан – Кипар 1:2
Табела: Белгија 21, Русија 18, Кипар 10, Казахстан 7, Шкотска 6, Сан Марино 0.