Влада без Албанци не може да има оти такво нешто може да доведе до војна, порача лидерот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Мендух Тачи во вечерашното гостување на ТВ 21.
Тачи во дел од емисијата се осврна и на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ), партија која е во власта во изминатите 18 години, за која рече дека се прикажува како интегративна, а всушност е националистичка.
„Али Ахмети тврди дека неговата партија е за интеграција, но всушност 20 години наназад е националистичка. Тој е голем манипулатор и постојано провоцира. Ако има влада без Албанци, тогаш може да има и војна“, истакна Тачи.
За себе лично нагласи дека се кандидира за вицепремиер во Владата, а за кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери рече дека е политички мртов.
Гостувањето на ТВ 21 го искористи да ја претстави и партиската платформа за претстојните парламентарни избори на 15 јули, за проектните инвестиции, за државнјот буџет и негова рамноправна распределба, итн. Меѓутоа спомена и за закани што ги добивал, но не откри имиња бидејќи, како што посочи, случајот е под истрага.