Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го извести Конгресот и Обединетите нации (ОН) дека САД и формално се повлекуваат од Светската здравствена организација (СЗО), потврди висок претставник на администрацијата за „Си-Ен-Ен“.
„Конгресот прими известување дека Трамп и официјално ги повлече САД од СЗО среде пандемија. Тоа нема да ги заштити интересите и животите на Американците, ќе ги остави Американците болни, а Америка сама“, напиша сенатарот од редовите на Демократите, Роберт Менендез на Твитер.
Неименуван службеник на Стејт департментот, исто така за „Си-Ен-Ен“, потврди дека „известувањето за повлекување што стапува на сила на 6 јули“, САД го поднеле до генералниот секретар на ОН задолжен за СЗО.
Писмото што е адресирано до ОН е кратко, содржи три реченици, откри добро упатен извор за „Си-Ен-Ен“, а во една од нив се споменува дека САД се повлекуваат од СЗО на една година. Иако и републиканските и демократските конгресмени говореа за системски проблеми со СЗО, многумина, сепак, ја критикуваа одлуката на Трамп за повлекување од организацијата.
Американскиот претседател во мај најави повлекување од СЗО поради незадоволство во нејзиното справување со пандемијата на Ковид-19.