Српската полиција утрово успеа да ги растера демонстрантите кои од синоќа протестираа во Белград по најавата на претседателот Александар Вучиќ за враќање на „полициски час“ поради порастот на бројот на заразени со Ковид-19. При интервенцијата, жандармеријата користеше специјални сили за разбивање демонстрации, полицајци на коњи, во оклопни возила и голем број лица во цивил. За попладнево е закажан нов протест.
Синоќешниот протест почна нешто по 20 часот и со само неколку стотици учесници кои подоцна станаа илјадници. Дел од демонстрантите се судрија со полицијата, а дел и влегоа во зградата на Собранието. Демонстрантите фрлаа со јајца, со камења, со пластични шишиња и со димни бомби кон полицијата, десетици контејнери беа запалени, како и најмалку две полициски возила, а според првите извештаи има и повредени од двете страни.
Откако полицијата доби засилување, ги растера демонстрантите пред Собранието со употреба на солзавци, а полициската коњица и единицата со кучиња беа изнесени на улиците. Локалните телевизии во живо емитуваа за случувањата, за нападите врз полицијата, но и за полициска бруталност при апсење и тепање на демонстранти.
Пратеникот во српскиот Парламент, Ѓорѓе Вукадиновиќ рече дека „таква бруталност на полицијата е непотребна и толку многу солзавец не е регистриран во Белград од 5 октомври 2000 година“ кога режимот на Слободан Милошевиќ беше соборен со протести.
Директорот на полицијата, Владимир Ребиќ, утрово рече дека полицијата ја „контролира ситуацијата“ пред српскиот Парламент.
Во Србија вчера беа пријавени 13 смртни случаи од Ковид-19, што е најмногу во еден ден од почетокот на пандемијата. Како новозаболени беа регистрирани 299 лица што е во рамки на минатонеделниот просек од 250 до 350. Вкупниот број на инфицирани граѓани со коронавирус во Србија е 16.719 од кои починаа 330 лица..
Забраната за собирање на повеќе од пет лица во затворен простор и на отворено во Белград стапува на сила денеска, а полицискиот час од петок до понеделник.
Поради влошената епидемиолошка состојба во Србија, повеќето земји во регионот, вклучувајќи ја и Грција забранија влез за српски државјани.