Вонредниот самит на Европската Унија (ЕУ) за пакетот помош за ублажување на економските последици од пандемијата влезе во ново продолжение. Разговорите беа прекинати рано утринава и се планира да продолжат во 16 часот попладне. Ова го објави портпаролот на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел на Твитер, објави „Дојче Веле“. Со тоа состанокот на 27. шефови на држави или влади веќе трае два дена подолго од планираното.
Претходно, лидерите на земјите од ЕУ, по шестчасовна пауза, повторно се состанаа накратко во голема рунда. Првиот човек на Советот на ЕУ, Мишел ги прекина закочените преговори непосредно пред полноќ.
Во наредните часови канцеларката Ангела Меркел и останатите шефови на држави или влади продолжија со дискусии во помали групи. Главна спорна точка и натаму е прашањето колку финансиска помош од планираниот пакет за помош во корона-кризата може да биде доделени на државите од ЕУ.
Во меѓувреме е сигурно дека волуменот на планираната конјуктурна и инвестициска програма ќе биде значително помал отколку што сакаа германската канцеларка АнгелаМеркел и францускиот претседател Емануел Макрон.
Наместо дотации во износ од 500 милијарди евра, на почетокот на четвртиот ден на самитот се зборува за 350 до 400 милијарди евра. Шефовите на владите на Австрија, на Холандија, на Шведска, на Данска и на Финска не се подготвени да направат дополнителни компромиси.
Тие се нето-плаќачи во ЕУ кои претпочитаат да не се доделува неповратна финансиска помош за земји како Италија или Шпанија, туку кредити што мора да се отплатат.