Демогратската Партија на Албанците начелно го прифатила предлогот на СДСМ да биде дел од нова владина коалиција, но било договорено да се формираат работни групи под водство на секретарите на двете партии за прецизирање на деталите.
Ова е епилог од вчерашната средба во Клубот на пратениците меѓу лидерите на двете партии – Зоран Заев и Мендух Тачи. На средбата присуствувале и Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски од СДСМ и Азем Садики од ДПА, кој е градоначалник на Студеничани.
Информација за средбата на својот фејсбук профил сподели Садики од ДПА.
„Ни беше понудена можноста да бидеме дел од идната влада предводена од претседателот на СДСМ, Зоран Заев и ние како партија ја прифативме поканата. Формирани се работни групи кои ќе ги предводат секретарот на ДПА и секретарот на СДСМ, Љупчо Николовски“, напиша Садики на својот Фејсбук профил.