За време на викендот и денес продолжија интензивните работни средби меѓу претставници на СДСМ, како предводник на коалицијата “Можеме“ и на ДУИ со цел креирање на коалициски договор за идна стабилна Влада на Република Северна Македонија, се најавува во партиското соопштение на СДСМ.
„Тимовите на СДСМ и на ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена по добивање на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада“, стои во дописот на социјалдемократите.
Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и со економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова и стабилна Влада со мандат од четири години.
Имајќи ги предвид очекувањата за брз конечен договор, во текот на следните денови се надеваме дека ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија, порачуваат од СДСМ.