Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска во 11 часот ќе достави до Собранието предлог состав и програма за работа на новата Влада. Ова следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом. Новиот владин кабинет ќе биде помал и ќе има 19 министри, наместо досегашните 26.
СДСМ ќе има 11 министри од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.
Покрај Заев, како премиер, членови на владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јагода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.
ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши – министер за економија, а Насер Нуредини – министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Јетон Шаќири.
Зоран Заев го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски на 13 август по што имаше рок до 2 септември за доставување на предлог состав и програма на Владата. Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и останатите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА кои во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.