Легендарниот фудбалер и поранешен селектор на репрезентацијата на Југославија, Иван Топлак, почина во Марибор на 90-годишна возраст.
На клупата на „сините“, Топлак седеше на осум натпреварувања, но најголемиот успех го постигна како селектор на олимпискиот тим, со кој најпрво го освои четвртото место на Игрите во Москва во 1980 година, а потоа и бронзениот медал во Лос Анџелес во 1984 година. Овој феноменален олимписки тим, кој со своите игри и резултати го привлече вниманието на целата спортска јавност, беше составен од Драган Стојковиќ, Бора Цветковиќ, Мирсад Бачиќ, Милко Ѓуровски, Владо Шапчиќ, Митар Мркела, Среќко Катанец, Љуба Радановиќ и многу други асови кои подоцна направија големи кариери во А репрезентацијата.
„Лудата репрезентација од Источна Европа“, како што ја нарекоа медиумите во САД, прошета низ групната фаза и со победите против Камерун, Канада и Ирак избори пласман во четвртфиналето каде ја совладаа Западна Германија со 5:2 и ѝ го нанесоа еден од најтешки порази во нејзината историја.
Во полуфиналето, заморот и повредите беа поголем противник за избраниците на Иван Топлак од репрезентацијата на Франција, кои по голема борба и само по продолженија славеа победа од 4:2 и се пласираа во финалето.
Во мечот за третото место, „сините“ направија пресврт против Италија, славеа со 2:1 и освоија бронзен медал за олимпискиот тим на Југославија. Во тандем со Ивица Осим, Топлак ја водеше Југославија на три натпревари во текот на 1986 година, по што се пресели во Индонезија, каде работеше од 1991 до 1993 година.
За време на играчка кариера, настапуваше за Браник од Марибор, Олимпија од Љубљана и за Црвена звезда.
Иван Топлак забележа и еден настап за најдобра селекција на Југославија, на 28 ноември 1956 година против Англија, но како член на младата репрезентација тој постигна дури 12 гола на 10 одиграни натпревари.