Земјотрес со јачина од 8,2 степени по Рихтеровата скала денеска го погоди брегот на американската држава Алјаска. По земјотресот активирана е тревога за можно цунами.
Силниот потрес е регистриран на околу 91 километар југоисточно од Перивил, Алјаска и се случи околу 22:15 часот по локално време вчеравечер, соопшти Американскиот геолошки завод.
Земјотресот е регистриран на длабочина од 46,7 км. и се смета за плиток. Плитки земјотреси се оние што се случуваат на длабочина до 70 километри. По првичниот, следуваа уште најмалку два силни потреси, со магнитуда од 6,2 степени, односно 5,6 степени според Рихтеровата скала, соопшти геолошкиот завод.
Националниот центар за предупредување за цунами издаде тревога за јужните делови, за полуостровот и за крајбрежните области на Пацификот од Хинчинбрук до преминот Унимак.
Пацифичкиот центар за предупредување од цунами издаде предупредување за американската држава Хаваи и американската пацифичка територија Гуам.