Повеќе од 40 полицајци во австралиската држава Викторија се суспендирани, бидејќи одбиле да се вакцинираат против ковид-19 и поради се пред отпуштање од работа. Во таа австралиска сојузна држава е воведена задолжителна вакцинација за многу државни и приватни дејности. Само оние вработени кои не можат да се имунизираат поради здравствени проблеми се изземени од оваа одредба, пишува „Гардијан“.
Полициската управа на Викторија денеска потврди дека 34 полицајци и девет чувари не го испочитувале налогот за вакцинација што е издаден од надлежните органи. Тие се суспендирани и им се заканува последователна дисциплинска мерка, односно можат да добијат отказ.
Во Викторија денеска се потврдени 1.903 нови случаи на ковид-19, а уште седум лица починаа како последица на инфекција. Речиси 90 отсто од населението во оваа држава на возраст над 16 години примиле прва доза на вакцината.
Шестото по ред заклучување во пошироката област на Мелбурн завршува в четврток на полноќ. Одлуката за укинување на „локдаунот“ е донесена бидејќи 70 отсто од граѓаните се целосно вакцинирани.
Од петок, на домаќинствата ќе им биде дозволено собирање до 10 лица, полицискиот час ќе се укине и нема да има ограничувања за движење во градското подрачје. Ќе се отворат и кафулиња и ресторани, со дозвола до 20 вакцинирани гости да останат во затворените делови на угостителските објекти.