Бустер дозата одлично ги штити вакцинираните од заболување, но помага и да се прекинат идните синџири на инфекција, изјави првиот човек и основач на германската компанија „Бајонтек“, Угур Шахин. Тој смета дека во иднина ќе биде доволна годишна ревакцинација против коронавирусот.
Шахин за германски „Билд“ изјави дека сегашната бустер доза ја зголемува заштитата, која со тек на време се намалува, и рече оти очекува да трае подолго одошто беше случај со двете дози.
Следната ревакцинација потоа може да биде потребна само еднаш годишно, како вакцина против грип, објасни тој.
Шахин рече дека заштитата од вакцини почнува да опаѓа од четвртиот месец. Сепак, студии што беа објавени неодамна покажаа дека заштитата од тешка форма на болеста е висока и до деветтиот месец.
Засилувачката доза многу добро ги штити вакцинираните од болеста, но исто така помага да се прекинат идните синџири на инфекција, рече Шахин.
Тој истакна дека тоа може да помогне во справувањето со пандемијата во текот на претстојната тешка зима.