Ова е резултат на договорите што ги потпишаа Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев уште кон крајот на декември во Тирана за единствена работна дозвола за сите три земји, а кои предвидуваат заинтересираните граѓани со добивање идентификациски број, без какви било дополнителни процедури да дојдат до работно место.До каде е оваа постапка за вработување без бариери и кога ќе почне да се спроведува Нола Исмајлоска-Старова, национална координаторка за регионална соработка и европски интеграции за Нова вели дека наредниот настан во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ е планирано да се случи на почетокот на јуни.
– Договорот за слободен пристап до пазарот на труд е веќе потпишан во декември. Министерството за труд и социјална политика ( МТСП), Агенцијата за вработување (АВРСМ) и Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) се веќе во постапка, го подготвуваме протоколот по однос на ова ослободување, во консултација и со МНР и технички лица. Очекуваме веќе летово да се тргнат работните дозволи. Тоа го бараат и фирмите кои веќе имаат развиени соработки во трите држави, вели Исмајлоска-Старова.
Таа објаснува дека граѓаните можат да добијат идентификациски број на „Отворен Балкан“ на националниот портал на матичната држава кој се користи за електронска идентификација. Услов за добивање на овој број на нашите граѓани е да имаат потврден електронски идентитет, издаден според шемата за електронска идентификација, како што е примерот со регистрација во Управата за јавни приходи.
– Во Република Северна Македонија во 2019 година е воспоставен Националниот портал за електронски услуги. Овој портал претставува електронска платформа достапна на https://uslugi.gov.mk, преку која на граѓаните им се овозможува да добијат информации за јавните услуги, но и да користат е-услуги од надлежни органи и други субјекти кои даваат е-услуги преку порталот. Кога граѓанин на Албанија и Србија ќе поседува Open Balkan ID и тој ќе ги користи овие услуги, а нашите граѓани соодветно кај нив, објаснува Исмајлоска-Старова.
Познато е дека во сите три земји недостига медицински кадар, работници во угостителството, мајстори, квалификуван кадар за стопанството. На нашето прашање за кои работни места и професии се бара кадар во трите земји, националната координаторка за „Отворен Балкан“ најавува дека допрва ќе се отвораат нови можности. Во септември ќе се организра саем за туризам, вина и храна, а тоа, како што најавуваат од „Отворен Балкан“ е уште една идеја на која подолго време се работи.
Македонските граѓани кои работат на просторите на поранешните југословенски републики не ретко се жалат дека работодавачите една приказна раскажуваат и ветуваат кога нудат работа, а друга реализираат откако работникот ќе го сработи договореното. Како гром одекна афера во Словенија во која беа измамени дури 432 работници од Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија, кои биле вработени во фиктивни компании во кои на работниците не им исплатувале плати, придонеси за социјално осигурување, како што се здравствено и пензиско осигурување, ниту плаќале даноци и испратнини.
– Тоа што во „Отворен Балкан“ сме повеќе земји, значи дека сме помоќни заедно, но и попретпазливи, зашто секоја држава сака да се покаже во најдобро светло. Со поврзувањето на нашите системи и потпишувањето на договорите за слободен пристап до пазарот на труд, и оној за интреконкеција на шемите за електронска идентификација ние оневозможуваме фиктивни компании да можат да оперираат што е уште една придобивка од нашата соработка, намалување на злоупотребите, вели националната координаторка за регионална соработка и европски интеграции.
Таа најавува дека оваа иницијатива допрва ќе креира нов имиџ за конкурентноста на нашиот регион зашто компаниите ќе можат да сметаат на работната сила на три наместо на една држава и дополнително конкурентноста по однос на платите ќе расте и тие ќе растат онака како што ќе расте бројот на инвестиции.
-„Отворен Балкан“ е можност за зголемување на конкуретноста на нашиот регион. Не смееме да се плашиме од мобилноста, во спротивно треба да ги затвориме границите и да се изолираме. Мобилноста, конкурентноста и инвестициите се услов за растот на секоја економија. Кога пазарот на труд станува поголем, тоа иницира и борба на квалитет и тогаш растот на платите ќе дојде природно како резултат на тоа што и самите компании за да бидат поуспешни ќе инвестираат повеќе и во својата надоградба. Движењето на луѓето, размената на искуства, интеркултурното учење се дел од европската иднина за која долго сонуваме. Отворен Балкан е нашата успешна регионална приказна која ја покажува нашата политичка зрелост за овој важен аспект. Кога тежнееме кон Европа без граници мора да веруваме во сопствениот потенцијал и капацитет. Тоа е убавината на слободата, вели Нола Исмајлоска-Старова.