Со 62 гласа „за“, без ниту еден против и воздржани, пратениците во Собранието ги усвоија ратификациите на законите од Отворен Балкан. Со ова се овозможува отстранување на работните дозволи и слободен пазар на труд за граѓаните на Северна Македонија, Србија и Албанија.
„Честитки за сите, ова голем ден за македонската и регионалната економија.“, порача Марјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи.
Како што е предвидено, рече Забрчанец, во текстот „Регионалниот пазар на трудот како придобивка на Отворен Балкан ќе донесе и раст на платите“, Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан ќе им овозможат на граѓаните од трите земји да работат во која било од нив без посебни работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Дополнително олеснување ќе обезбедат и договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.
„Огромен е интересот кај бизнис секторот за оваа економска поволност. Постојано добиваме повици од стопанските комори и фирмите од трите држави, бараат час поскоро да почне да се спроведува мерката. Најзаинтересирани се компаниите во ИТ секторот, туризмот и приватното здравство, како и одредени угостителски гранки кои со ова ќе можат да привлечат работници и да отворат нови работни места, истакна националниот координатор за Отворен Балкан и регионални иницијативи Забрчанец, пред изгласување на ратификациите на законите од Отворен Балкан во Собранието.
А.В