Поранешен британски министер и пратеник на владејачката Конзервативна партија е уапсен по обвинувањата од неговата поранешна соработничка во Парламентот за силување и сексуален напад додека биле во врска. Идентитетот на уапсениот пратеник не е објавен. Жртвата тврди дека тој ја нападнал и ја принудил на сексуални односи, поради што таа била толку истрауматизирана што завршила во болница.

Лондонската полиција потврди дека покренала истрага за четири инциденти, што наводно се случиле во периодот од јуни во 2019 година до јануари оваа година на различни локации во градот. Полицијата додаде дека 50 годишниот маж што бил уапсен е ослободен со кауција.

Владејачката Конзервативна партија соопшти дека сериозно ги сфаќа сите вакви обвинувања, но оти не може да го коментира случајот бидејќи истрагата е во тек. Пратеникот засега не е исклучен од партијата.