Бројот на загинати во експлозиите на аеродромот во Кабул што вчера ги предизвикаа бомбаши самоубијци, се зголеми на најмалку 110, пренесува „Ал Џазира“.

Агенцијата ТАСС наведува дека неколку илјади луѓе сè уште се наоѓаат на аеродромот во исчекување да заминат од Авганистан.

Талибанците денеска соопштија дека најмалку 28 нивни членови загинале во бомбардирањата на аеродромот во Кабул, додека британските медиуми соопштија дека во нападите загинале најмалку 13 американски војници и 90 цивили.

Одговорноста за вчерашните напади во Кабул ја презеде „Исламска држава-Хорасан“, ќелија на екстремистичката група Исламска држава.

Западните земји стравуваат дека талибанците, кои некогаш му обезбедија засолниште на водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, ќе дозволат Авганистан повторно да се претвори во прибежиште на милитантите. Талибанците, пак, нагласуваат дека нема да дозволат земјата да ја користат терористите.

Терористичката организација „Исламска држава Хорасан“, која е одговорна за најновите напади, првично беше присутна во областа на границата со Пакистан, но воспостави уште еден фронт на северот од земјата.