Апелацискиот суд во Скопје ги одбил жалбите ги потврдил седум решенија за притвор на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 против осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.

Како што потврдија од Апелација станува збор за шест мерки притвор и еден куќен притвор.

На мерката куќен притвор се жалеше режисерот и еден од организаторите на здружението „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, кој е еден од осомничените за „крвавиот четврток“, кој според денешната одлука на Апелација, жалбата му е одбиена и останува во куќен притвор.

Меѓу осомничените чии притвори ги потврдила Апелација се Душко Лазаров од МВР и Горанчо Ангелов од велешкото здружение „Ќосето“.
Вчера Апелација потврди дека во притвор во „Шутка“ остануваат и началниците во МВР, Митко Пешов и Оливер Поповски.

Инаку, Пешов, Поповски, Лазаров, Горан Ѓошевски од обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, заедно со екс министерот за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, беа вратени во „Шутка“ еден ден по поднесувањето на обвинението за „крвавиот четврток“, откако два дена претходно Врховниот суд, постапувајќи по нивните жалби, им одреди куќен притвор.

Жалба до Апелација за притворот од Кривичен поднесе и Чавков, преку неговата одбрана, но второстепениот суд се уште не одлучувал по неа.

Претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев на брифинг со новинарите наведе дека полициска екипа на 27 ми март извршила две контроли во неговиот дом каде тој според решението на Врховниот суд требало да ја издржува мерката куќен притвор, но не го нашле таму. Ова Кривичниот суд го зел во предвид кога одлучувал по барањето на обвинителството за одредување на мерката притвор на Чавков по поднесеното обвинение истиот ден.

Во Шутка, минатата недела беше спроведен и Никола Митревски – Кољо, исто така обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април, откако сам се пријави во полициската станица „Кисела Вода“, по неколкумесечно бегство.

Во притвор во скопскиот истражен затвор, неделава беше вратен и Јане Ченто, бидејќи, како што соопштија од судот, не се придржувал до куќниот притвор што го издржуваше во својот дом во Прилеп.

Јане Ченто е претседател на патриотското здружение Пере Тошев. Според обвинението, тој заедно со Игор Југ и уште петмина обвинети добиле повик од Александар Василевски Нинџа и Никола Митревски Кољо, да го мобилизираат членството за упад во Собранието на 27 април лани. Василевски им се јавил веднаш откако добил повик од член на обезбедувањето на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој дента, кога беа насилствата во Собранието беше во Виена.

Груевски неделава демантираше дека дал наредба од Австрија и Посочи дека неговиот телохранител Благоја Василевски се јавил кај родениот брат, Александар Василевски – Нинџа, со кого разговарале за семејни работи.

Инаку, Александар Василевски – Нинџа и понатаму е во бегство иако според неофицијални информации се крие во земјава.