Повеќе од 13 милиони Австралијци, што е речиси пола од населението во земјата, се наоѓаат под блокади по најновите ограничувачки мерки воведени поради Делта сојот на коронавирус. Како што јавува „Би-Би-Си“, тоа предизвикало голем гнев кај населението.

Државата Јужна Австралија, во која живеат 1,7 милиони луѓе, во вторникот се приклучи на државите Викторија и Нов Јужен Велс во однос на воведувањето рестриктивни мерки. Жителите на Јужна Австралија ќе мора да останат во своите домови седум дена, откако се заразија пет лица.

Според „Би-Би-Си“, Австралија до неодамна беше фалена за стратегијата за затворање на границите, карантинските програми и брзите заклучувања, а од почетокот на пандемијата се регистрирани помалку од 1.000 смртни случаи. Сепак, брзото ширење на многу заразниот Делта сој создаде нови предизвици за земјата и во прв план ја истакна ниската стапка на вакцинација, додава британскиот медиум.

И покрај блокадата на Сиднеј од минатиот месец, градот забележа 110 нови случаи, така што повеќе од 1.300 лица се заразени во последниот бран. На граѓаните не им е дозволено да ги напуштаат своите домови, освен ако одат по неопходни намирници, да вежбаат или имаат важни причини да излезат надвор.

Затворени се и градилиштата, како и продавниците за малопродажба.