Избирачки одбор на гласачко место во општина Чаир мораше да претрпи промени по што изјаснувањето на граѓаните по референдумското прашање продолжи да се одвива непречено. Еден од членовите агитирал на гласачко место и заменет е со нов службеник, истакна од Државната изборна комисија (ДИК) при изнесување на бројките за излезност до 13 часот.

„Не знам за што и како агитирал, само знам дека тоа што го правел е строго забрането согласно законот. Повикана е избирачка комисија и како што е пропишано е извршена неговата замена“, изјави претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

Настрана од посочениот инцидент, гласањето се одвива нормално со ситни инциденти за чие навремено решавање интервенира полицијата.

„Во целина нема посериозни нарушувања на целиот ден. Апелирам до граѓаните до крајот на референдумот до 19 часот да го искажат својот демократски капацитет“, дополни Дерковски.

Тој најави санкции за сите кои го прекршиле или ќе го прекршат законот.