Изборната комисија на Руската Федерација денеска ги потврди изборните резултати според кои владеачката „Единствена Русија“ освои 324 места од вкупно 450 во Думата.

Парламентарните избори во Русија се одржаа од 17 до 19 септември, а претседателката на Изборната комисија, Ела Памфилова ги соопшти изборните резултати за Думата, долен дол на рускиот парламент.

Таа, исто така, истакна дека излезноста на изборите била 51,74 отсто, при што правото на глас го искористиле над 56,4 милиони луѓе. Памфилова додаде дека вкупно осум политички партии, заедно со пет независни кандидати, влегле во новиот состав на парламентот.

Покрај 324-те места на „Единствена Русија, 57 освои Комунистичката партија, „Праведна Русија“ доби 27 мандати, Либерално демократската партија – 21 и „Нови луѓе“ – 13.

Владеачката „Единствена Русија“ на изборите во 2016 година освои 343 места.