Втор ден Комисијата за политички системи го разгледува шестмесечниот Извештај на Специјалното јавно обвинителство.
Пратениците од владејачкото мнозинство, речиси четири часа денеска можноста за збор од говорница ја искористија за лични напади и етикети врз специјалната обвинителката Катица Јанева. Присутен беше и обвинителот Марко Зврлевски, чиј Извештај е исто така на дневен ред, но тој молчешкум ја следи дискусијата, бидејќи до анализата за неговото работење никако да се стигне.
Патеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски ја праша Јанева колкав е нејзиниот капацитет за водење на СЈО.
-Дали вие како обвинител во Гевгелија сте воделе и колку на број случаи каде што кривичните дела или санкциите надминуваат пет години затвор? Дали сте воделе случај од тежок организиран криминал? Колку и со кој успех биле завршени пред судовите? Дали сте воделе случај во гевгелиското обвинителство за злосторничко здружување, изборни измама или тешки кривични дела против државата, праша Милошоски.
На ова Јанева, која расправата ја следи со слушалки, прокоментира дека го слушала Милошоски концентрирано, исто како што слушала и во прислушуваните разговори.
-Сконцентрирано го слушав господинот Милошоски, бидејќи го слушам и во незаконско прибавените разговори и го знам многу убаво неговиот личен капацитет, а за мојот личен капацитет, шеф ми беше обвинителот Марко Зврлевски, он нека каже, одговори Јанева.
Пратеничката Солза Грчева забелжа на вчерашната изјава на Јанева дека не се плаши, бидејќи ја има поддршката од Груевски. Според не, дел од поддржувачите на Јанева сигурно ги запалиле маичките за поддршка на СЈО по изјава.
-Не го спорам Јавното обвинителство, бев прва да се гони криминалот и корупцијата, во животот не знам што е незаработено евро. Јас се борам против корупција, да се вратат сите украдени пари, но неселективно и непартиски… Вие вчера покажавте непознавање прво на правниот систем, потоа на политичкиот систем а најмалку на демократијата. Прво го прогласивте ова Собрание за легитимно, а вие сте производ на ова Собрание. Дали вие како правник искусен, не ви беше јасно дека 18 месеци за тешки кривични дела се многу малку време? Мене ми беше јасно сосема, уште дента,но не слушнав да реагирате тогаш, рече Грчева.
Пратеникот Горан Мисовски обвини дека владејачкото обвинителство е во оркестриран напад на Јнева, бидејќи се плашат од независна институција,
-Вие сте единствената институција во Македонија, која за жал на ВМРО-ДПМНЕ не може да ја контролира. Овие луѓе и тие од Извршниот комитет, кои ја доведоа Македонија на маргините, не може да се помират со тоа што еве една институција не може да ја контролираат, тие сакаат се да одлучуваат. Извршниот комитет одлучува кој ќе оди во затвор, кој ќе биде пуштен од затвор, кој ќе оди во притвор, кој не, сега гледате кога сите пратеници го изгласавме Законот за СЈО, гледате каков оркестриран напад има на институцијата, посочи Мисовски.
Јанева одговарајќи на нападите, читаше делви од Законот за специјалното обвинителство според кое се утврдени нејзините надлежности.
-Барам сите луѓе опфатени од притвор да се пуштат. Јас не сум за мерката притвор, само кажувам дека е различен пристапот на судот за Обвинителството за организиран криминал и СЈО. Да ви кажам, во преметот Шпион кој го застапуваме пред Апелационен суд има луѓе кои по 4 години се во притвор. Три пати бараме за секој обвинет да се пушти од притвор, Апелација одбива, рече Јанева.
На пратеничко прашање за Зоран Заев кој е обвинет во случајот Пуч, Јанева рече дека ќе го праша и него, кога судот ќе закаже рочиште, односно на 1. ноември.
-Немам земено изјава од господинот Заев. Ќе го прашам обвинетиот Заев во предметот Пуч, кога судот ќе го закаже предметот да се суди, рече Јанева.
Седницата е во тек. По паузата од 14:30 до 17:00 часот, претседателот на комисијата Влатко Ѓорчев најави дека расправата ќе трае до 23 часот.