Во, можеби, најздодевниот меч на Светското фудбалско првенство, Шведска ја совлада Јужна Кореја со 1:0 во рамки на групата во која вчера попладне Мексико со идентичен резултат ја совлада Германија.

Единствениот момент за одбележување на средбата во Нижни Новгород се случи во 65 минута. Искусниот дефанзивец Андреас Гранквист го претвори во гол пенал во 65 минута што беше досуден по асистенција на ВАР технологијата.

https://www.youtube.com/watch?v=EhB6qAKCkrk

Швеѓаните не се истакна кој знае колку, но, сепак, заслужено ги освоија трите бода за многу помирно дочекување на дуелите со Мексико и со Германија што ќе следуваат. Јужнокорејците, пак, покажаа премалку. Беа ориентирани на контранапади и на ѕвездата на Тотенхем, Хеунг Мин Сон и на крајот завршија без ниту еден удар кон голот на Олсен, а нивната задача беше значително отежната по пеналот со оглед дека скандинавската селекција поцврсто ги затвори приодите кон сопствениот гол.

Во второто коло во групата, на 23 јуни, ќе играат Шведска против Германија во Сочи и Мексико против Јужна Кореја во Ростов на Дон.

Шведска – Јужна Кореја 1:0 (0:0)

Стадион во Нижни Новгород. Гледачи: 42.300. Гл. судија: Жоел Агилар (Салвадор). Асистенти: Хуан Зумба (Салвадор) и Хуан Карлос Мора Араја (Костарика). Ж. картони: Клаесон (Шведска); Шин Вок, Хе Чан (Јужна Кореја). Стрелец: Гранквист 65′ (п) за Шведска.

Шведска (формација 4-4-2): Олсен – Лустиг, Јансон, Гранквист, Аугустинсон – Форсберг, Екдал (Хиљемарк 71′), Ларсон (Свенсон 81′), Клаесон – Тоивонен (Телин 77′), Берг. Селектор: Јане Андерсон.

Јужна Кореја (формација 4-3-3): Чо – Ј. Ли, Јанг, Г. Ким, Парк (Мин Во 28′) – С. Ли, Ки, Ко (Сеунг Во 73′)- Кванг, Шин Вок (Во Јунг 66′), Сон. Селектор: Шин Тае Јонг.