Европската Унија (ЕУ) планира да препорача на земјите-членки да ги обноват ограничувањата за туристите од САД поради зголемување на нивото на инфекции со коронавирус, објавија денеска европски дипломати.

Според дипломати на ЕУ кои зборуваа под анонимност, најновите упатства може да пристигнат веќе оваа недела, бидејќи процесот на ревизија сè уште е во тек.

Секоја одлука ќе биде необврзувачка, бидејќи ЕУ нема унифицирана туристичка политика поврзана со ковид 19, а националните влади имаат овластување да одлучат дали ќе ги остават своите граници отворени за туристи од САД.

Одлуката за отстранување на САД од листата на безбедни земји за несуштински патувања ќе ја поништи препораката од јуни, кога блокот од 27 членови препорача укинување на ограничувањата за американските патници пред летната туристичка сезона.