Авганистанка се породи во авион (Ц-17) за евакуација од Кабул, по слетување во базата „Рамштајн“ во Германија, и на свет донесе здраво женско бебе.

Компликациите кај жената почнале додека леталото било на височина од 8.534 метри, при што дошло до спуштање на воздушниот притисок.

Командантот на авион реши да се спушти на помала височина за да го зголеми воздушниот притисок, што помогна за стабилизација и спасување на животот на мајката, се наведува во твитот на официјалниот налог на Командата за воздушна мобилност на САД.

Во моментот кога авионот ја допре пистата во германската база „Рамштајн“, медицинскиот персонал го почна процесот на породување на Авганистанката. По породувањето, мајката и бебето се пренесени во околната медицинска установа и двете се чувствуваат добро.

Германската база „Рамштајн“ стана централа за престој на американските авиони Ц-17, со цел на растоварување на базата во Катар во која настана голема мешаница со оглед дека голем број од авионите со евакуирани Авганистанци од Кабул слетуваат токму во неа.