Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји нагласи дека работи за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија заедно со Албанија до декември, јави дописничката на МИА од Брисел.

Запрашан од бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, дали прифаќа одвојување на Северна Македонија и Албанија за почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), еврокомесарот одговори негативно.

Мислам дека е јасно оти двете земји ги исполнија условите и сакаме договор за двете земји. Тоа е став на мнозинството земји-членки на ЕУ, во овој момент можеме и треба да ги разгледуваме заедно, изјави еврокомесарот Вархеји.

Вархеји пред неколку месеци ја спомена можноста Албанија да добие само зелено светло за првата Меѓувладина конференција, предлог што беше експресно отфрлен од земјите-членки на ЕУ.

Еврокомесарот додаде дека целта е зеленото светло за Скопје и Тирана да се добие до декември најдоцна, но потсети дека одлуката им припаѓа на земјите-членки на ЕУ.